Ги блокира ли Владата предлозите на КЗБ? – Комисијата негира, од Влада велат дека ќе бидат усвоени на наредната седница

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И по три недели, Владата сѐ уште не ги усвои предлозите на Комисијата за заразни болести. Препораките- сертификатите за граѓаните кои го прележале Ковид-19 да важат 180 дена, бремените жени да се вратат на работа и да се укине мерката за барање потврда за вакцинација при влез во трговските центри, сѐ уште не стапија на сила. Но, зошто Координативниот кризен штаб и Владата сѐ уште не ги усвоија? Од Комисијата велат дека не станува збор за блокада, туку за административни прашања.

Побаравме одговор и од Влада – зошто се одолговлекуваат толку овие препораки? Од таму велат дека синоќа сите предлози биле усвоени во Главниот координативен кризен штаб и дека на следната седница ќе бидат разгледани од страна на Владата.

„На вечерашната седница на Главниот координативен кризен штаб беа усвоени препораките од Комисијата за заразни болести. Записникот од штабот ќе биде разгледан на првата наредна седница на Влада, а за одлуките јавноста ќе биде известена“, истакнаа од Влада.

Инаку, досега искуството покажало дека Владата во рок од неколку дена ги разгледува сите заклучоци кои излегуваат од здравствените експерти, членови на КЗБ, но овојпат мерките чекаат зелено светло повеќе од три недели. Последната препорака што ја усвои Владата на 26 јануари се однесуваше на намалувањето на периодот на изолација на 7 дена.