Автобусите на ЈСП утрово сообраќаа низ скопските улици. Иако вчера беше најавено дека нема да возат бидејќи ја немаат добиено јануарската плата, ваквата одлука ја поништија откако ги примија платите.
„Иако беше најавено дека денеска автобусите на ЈСП нема да сообраќаат низ скопските улици, сепак тие сообраќаат нормално како и другите денови“, вели репортерката на ТВ21.
Претседателот на Синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски за ТВ21 потврди дека платите ќе ги добијат денеска и дека нема да има застој во јавниот превоз. Но имаше една најава во случај проблемот да се повтори.
„Јануарските плати ќе ги добијат денеска вработените во ЈСП и нема да има такви проблеми, но доколку ова се случи повторно, ќе постапиме на истиот начин иако не верувам дека ќе се случи“, посочи Миќо Стојановски.
Инаку и минатиот месец граѓаните се соочија со недостиг од автобуси бидејќи вработените на ЈСП не ја имаа примено декемвриската плата, затоа во знак на револт автобусите неколку часа останаа во гаражите предизвикувајќи многу проблеми во јавниот сообраќај во главниот град.
