-Состојбата на бензинските пумпи, барем во главниот град денеска е помирна. Од Влада велат дека граѓаните не треба да бидат загрижени, бидејќи има доволно количество прехранбени продукти и нафтени деривати во стоковните резерви.
Граѓаните кои денеска ги сретнавме на бензинските пумпи, велат не стравуваат дека ќе снема гориво, туку дека дошле да наточат како и вообичаено.
ГРАЃАНИН:
-Денеска полнам.
-Дали има паника кај вас?
-Не, каква паника. Зошто да има? Ако нема бензин, ќе си седам дома.
-А, ако се покачат цените?
-Нека се покачат, што да правиме ние? Дали ние ќе промениме нешто? Не.
ГРАЃАНИН:
-Еве сега чекаме ред да наточиме. Многу гужва, никаде нема бензин, нема гориво.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски за „Утрински брифинг“ рече дека помалите бензински немаат право да го ограничат снабдувањето со бензин, иако кружеше информација дека одредени снабдувачи го ограничиле количеството на гориво кои може да се наточи.
„Тоа се воени профитери кои сакаат да заработат нешто ситно на нечиј грб. Ние ќе доставиме известување до Обвинителството за овие појави“, изјави Бислимоски.
Инаку, Владата ги повика трговците со нафта да не ја ограничуваат количината, а граѓаните да не прават резерви гориво. И во некои балкански земји се создаде гужва и паника. Километарски колони беа забележани во Србија и Босна и Херцеговина. „Нова.рс“ пишува дека во Белград по 6 часот утрово на бензинските пумпи веќе почнале да се создаваат долги редици. Истото се случува и во Сараево, каде граѓаните поитаа да ги наполнат своите резервоари, поради страв дека горивата ќе поскапат, пишува „Кликс“.
