Гир: Без уставни измени преговарачкиот процес ќе запре – Трендафил Ивановски: Оценката е претерана и неделотворна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Доколку не се направат уставни измени, а тоа подразбира доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, најверојатно преговарачкиот процес на Северна Македонија со ЕУ ќе запре – вели евроамбасадорот Гир во интервју за радио слободна Европа.

„Скринингот започна и имаме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес. Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза одиме на наредна точка што  е потребно да има друга меѓувладина конференција. Одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати страни. Секако таа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред? Најверојатно сценариото ќе биде преговарачкиот процес да запре таму“, вели Дејвид Гир.

Со оглед сегашната политичка ситуација какви се шансите да се обезбеди двотретинско мнозинство? Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу ќе спласнат емоциите и според него реално тоа е можно, бидејќи немало резерви за вметнување во Уставот на   Црногорцирте, Хрватите, па и Еѓипјаните.

„Би бил среќен  кога тоа би се случило. На крај ние ќе го отвориме Уставот ако не за Бугарите за другите помали заедници и ќе остане лошо чувство во врска со нешто што треба да биде поздравено во општеството, бидејќи сме ние такво општество, диверзитетно, разновидно каде сите и помалите и поголемите заедници треба да се чувствуваат вклучени во целиот процес“, посочи Алберт Муслиу.

„Колку што ги разбрав бројките бројот за двотретинско не е многу голем“.

Обиди за уставни измени во уставниот развој од 1991-ва година имало и се обезбедувало мнозинство. Но, инаетот на одредени политички партии како опозицијата, условувањето со референдум и други инструменти е одолговлекување на проблемот и може да искомплицира – вели Трендафил Ивановски, поранешен судија.

„Мислам дека оценката, ако нема уставни измени патот за Македонија е затворен за ЕУ, е претерана и не е делотворна. Доколку постои политичка волја не е проблем да се обезбеди промена на Уставот. За таа промена треба волја. За таа волја треба да бидат сите политички субјекти убедени и доколку има и најмалку совесност кај нив не треба да има дилема за да се изврши уставната промена“, вели Трендафил Ивановски.

Согледувајќи ја реалната состојба во општеството, процесот во меѓународната политичка клима треба да има сеопшто убедување и поактивен однос и на самата власт, да прифати разговор со опозицијата за да може за два-три месеци да се спроведе уставната промена која ниту е голема по обем, ниту има големо влијание за опстојувањто на државата – додава Ивановски.