Иако интерпелацијата според мене не е политички издржана таа ќе биде ставена на дневниот ред на Собранието на 3 септември и јас нема да постапувам како што беше претходно кога голем број интерпелации не дојдоа на расправа. Ова го истакна претседателот на Собранието Африм Гаши на првиот брифинг со новинарите на кој оцени дека групната молитва во Собранието бил настан организиран од невладини организации на која тој само присуствувал. Гаши пред пратениците треба да одговори и за случајот со косовската претседателка Вјоса Османи на аеродромот во Скопје, но тој вели дека направил се што е потребно да се смири ситуацијата. Ми се јави претседателката Османи гласот и трепереше, децата плачеа и јас сакав лично да отидам за да помогнам, но ми рекоа дека состојбата се смирила.
Мислам дека јас лично и обезбедувањето што е во Собрание, во аеродромот избегнавме инцидент кој можеше да има поголеми последици. Јас се радувам што се заврши како што треба. Тие луѓе кои ги пречекориле своите овластувања МВР ќе си постапи како што е закон и како што треба.
Гаши зборуваше и за неговото патување на Косово на свадба, но со службено возило и обезбедување. Немам право да одам со сопствено возило, така е според закон, рече Гаши.
Според закон и уредба на Владата јас сум обврзан како претседател на Собрание секаде да се движам со службено возило. Јас не би сакал тоа да биде така, сите сакаме да имаме барем малку приватен живот, јас воопшто го немам и за жал во овој случај морам и на приватен настан да отпатувам со службено возило, рече претседателот на Собрание Африм Гаши.
Во однос на ова од СДСМ со реакција, велат дека Гаши на овој начин потврдил дека одговорноста и за овој случај е кај министерот Тошковски.
„Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска призна дека свадбарите со приватни возила на граничниот премин Блаце поминале без контрола од страна на полицијата и потврди дека одговорноста за тоа е кај Тошковски, кој е на чело на МВР. Потонати се сите обиди одговорноста да се префрли на некој раководител на смена. Рибата смрди од главата а глава на МВР е Панче Тошковски и тој мора да понесе одогорност. Ајде да видиме дали ќе охрабри сега Мицкоски да побара оставка од Тошковски?“ -велат од СДСМ.
Во однос на функционирањето на коалицијата ВРЕДИ од која е дел и самиот Гаши најави дека во иднина таа ќе прерасне во политичка партија. Се работи на окрупнување, бидејќи мислам дека вака здружени партиите не носат стабилност и затоа сметаме дека треба да прераснеме во субјект кој доследно ќе ги претставува граѓаните.
