Софија Огненова, сега веќе почината пациентка која била на дијализа од 20-годишна возраст, беше единствената во земјава која дома правеше хемодијализа. Кога починалa на 62-годишна возраст, семејството одлучило мобилниот апарат да го подари на Нефролошката болница во Струга.
Доктор Ванѓелка Коваческа-Шавреска рече дека апаратот со себе носи уникатна и неповторлива животна приказна.
На годишнината од смртта на Огненова, медицинскиот персонал го стави апаратот во функција, со што беше одбележан и Светскиот ден на бубрегот. Директорот на болницата Александар Попоски вели дека апаратот може да се користи за помош во услови на елементарна непогода, но и кога им е потребен на загрозените категории.
Софија Огненова беше на дијализа 40 години. Вработените во Нефрологија во Струга ја паметат како храбра жена со многу оптимизам, борбеност и истрајност. Од почетокот на болеста, Софија почнала да води дневник и во 2010 година ја објавила својата книга „Дијализа – нула за мене“ како водич за пациентите но и порака никогаш да не се откажуваат.
