Дрон паднал во југоисточна Романија по воздушен напад во Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Дрон се урна во областа на селото Плауру во округот Тулча во југоисточна Романија, соопшти денеска романското Министерство за национална одбрана.

„Ноќта помеѓу 1 и 2 октомври, радарскиот систем за надзор на Министерството за национална одбрана откри нови напади со беспилотни летала врз цивилни објекти и инфраструктура во Украина во близина на речната граница со Романија во северниот дел на округот Тулча. Околу 5 часот наутро, беше пријавено дека објект, веројатно дрон, се урна во областа на селото Плауру во округот Тулча. Следеше пожар. Не се пријавени жртви или материјална штета“, соопшти романското Министерство за национална одбрана.

Специјализирани тимови од Генералниот инспекторат за вонредни ситуации и Министерството за национална одбрана се распоредени на местото на настанот за да го изгаснат пожарот. Областа е блокирана.

Министерството за национална одбрана прецизира дека за време на воздушниот напад не се регистрирани никакви упади во романскиот воздушен простор.