Вака го фрли државното знаме на земја, Андреа, девојката која ја претставува Северна Македонија на Евровизија. На видеото се гледа како таа се слика со знамето а потоа го фрла. Социјалните мрежи вријат од коментари за гестот на нашата претставничка. Поради тоа, Андера Коевска два пати се произнесе на социјалните мрежи извинувајќи се и објаснувајќи ја својата постапка.
„Навистина не можам да верувам затоа што последните денови единствено што правам е да го покажам македонското знаме, но во моментот кога камерата ме снимаше и ме фотографираше, ме замолија да не го држам македонското знаме. Делегацијата беше многу далеку од мене и навистина знамето го фрлив од очај, не беше од омраза затоа што сум навистина горда што доаѓам одовде, па малку е бесмислено тоа што се случува“, рече Коевска.
Инаку, таков гест е со закон забранет во Северна Македонија. Основното јавно обвинителство засега нема отворено предмет за настанот кој се однесува на евровизиската претставничка Андреа Коевска.
„Засега нема докази дека намерата на настанот е потсмев и омаловажување на државното знаме“, велат од ОЈО.
По објавувањето на видеото на ТВ21, реагираше „Национална радио телевизија”, осудувајќи го однесувањето на Андреа. Велат дека фрлањето на знамето е скандалозно додека потенцираат дека ја разгледуваат можноста пејачката да ја повлечат од натпреварот.
Шефот на евровизиската делегација од Македонија, Мери Попова, за инцидентот што се случи вчера во Торино, Италија, изјави дека претставничката Андреа Коевска имала само 30 секунди да се слика за Евровизија. Во меѓувреме, еве неколку видеа како постапиле некои јавни личности кога наишле на важни симболи.
