Го научил албанскиот по сопствена желба, денес го користи секој ден на Универзитет

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Од мал сум израснат во мултиетничка средина, игравме по џамии“.

Откако го завршил факултетот, заминал во Норвешка како дел од една иницијатива, каде што биле собрани луѓе од поранешна Југославија за да дискутираат за времињата на војната. Токму таму Александар Петковски ја нашол инспирацијата да го научи албанскиот јазик.

„За разлика од Албанците кои имаат институционална поддршка да го учат македонскиот јазик во основно и средно образование, ние како Македонци ја немаме таа можност“, вели Александар Петковски.

-Вие каде го научивте?

Александар Петковски: Јас го научив на приватни часови, одев 4 години, мислам во 2001 година кај една наставничка, да ја поздравам ако го гледа оваа интервју, се вика Кадире Хоџа.

Денес Петковски е декан на Правниот факултет при Универзитетот „Мајка Тереза“. Една од причините зошто сакал да се вработи тука, вели за да не го заборави албанскиот јазик. Секојдневниот контакт со студентите и колегите му овозможува да го одржува и уште подобро да го усовршува јазикот.

„Јас, на пример, зборувам албански, но го зборувам тука на Универзитетот нормално“, вели Петковски.

Дали и тоа беше причина што дојдовте на Универзитетот „Мајка Тереза“?

Петковски: Да, бидејќи по работата во „Нансен Дијалог Центар“, работев во друга невладина организација, потоа се вработив на Универзитетот во Охрид. Таму, на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, немаше ситуации каде што можев да го користам албанскиот јазик.

Познавањето на странски јазици, професорот Петковски го смета за богатство, па затоа, како што раскажува, никогаш не чувствувал предрасуди. Напротив – тој повикува граѓаните да научат да живеат во мултиетничка средина, доколку сакаме да станеме дел од ЕУ.