Владата ја продолжува мерката со која ДДВ-то за дизелот се намалува од 18 на 10 отсто до 12 октомври, соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според Димитриеска-Кочоска, со овие мерки Владата продолжува да го штити животниот стандард на граѓаните и стабилноста на домашната економија.
„Со продолжувањето на оваа мерка директно влијаеме врз малопродажните цени на горивата и го ограничуваме пренесувањето на надворешните ценовни притисоци врз цените на останатите производи и услуги. Реагираме навремено и одговорно, следејќи ги движењата на меѓународните пазари и преземајќи мерки кога тоа е потребно за да го заштитиме стандардот на граѓаните.“, напиша Димитриеска-Кочоска на својот профил на Фејсбук.
Мерката со која ДДВ-то за дизелот беше намалено од 18 на 10 отсто почна да се применува на 15 септември, со цел да се ублажи ценовниот притисок врз граѓаните.
Регулаторната комисија за енергетика денеска се очекува да ги утврди максималните цени на горивата што ќе важат во следните седум дена.
