Голем пад на населението во Јапонија, три милиони помалку за пет години!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Населението на Јапонија во последните пет години се намалило за 2,5 проценти, покажуваат податоците од пописот објавени утрово, што претставува најголем пад откако започнаа пописите во 1920 година.

Според прелиминарните резултати од пописот, кој се спроведува на секои пет години, населението на четвртата најголема економија во светот се намали на 123 милиони луѓе во 2025 година, што е за повеќе од три милиони луѓе помалку од претходниот попис во 2020 година.

Забележаното намалување е повеќе од три пати поголемо од она во периодот помеѓу 2015 и 2020 година, пишуваат западните агенции. 

Овие податоци „уште еднаш потврдуваат дека демографскиот пад на нашата земја се влошува“, изјави портпаролот на владата Минору Кихара.

Според податоците од Светската банка, по Монако, Јапонија има најстаро население во светот. Стапката на наталитет во 2023 година била 1,2, што е значително под 2,1 деца потребни за одржување на населението.

Официјалните податоци објавени претходно оваа година покажаа дека бројот на раѓања во Јапонија во 2025 година се намалил десетта година по ред, со вкупно 705 илјади новороденчиња.

Иако имиграцијата често се споменува како решение за демографскиот пад, конзервативната премиерка Санае Такаичи е за построги мерки против приливот на странци, пишуваат агенциите.

Јапонските лидери се обидоа со ограничен успех да ги поттикнат браковите и раѓањата со зголемување на детските бенефиции и додатоците за грижа за деца и субвенционирање на породилно отсуство, па дури и лансирање апликации за запознавање.