Голем пожар во складиште за пластика во Осиек, нема повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во предградието на хрватскиот град Осиек во текот на ноќта избувна пожар од големи размери во фабрика во која се преработува пластика. Неколку илјади квадратни метри пластика, која се чува на отворено, гори, се вели во првиот извештај на припадниците на локалната цивилна заштита.

Пожарот се уште не е локализиран, а сите расположливи противпожарни единици се на терен. Жителите на Осиек изутринава добија СМС предупредување да не остануваат на отворено, да не излегуваат од своите домови и да ги затворат прозорците.

Училиштата во областите Антуновац, Ернестинов, Ласлов, Чепин и Вука ја откажаа наставата за денеска, бидејќи ветерот ги носи честичките кон тие места, пренесува Хина.

Нешто по полноќ избувна пожар во фабриката „Драва интернационал“ во Бријест, предградие на Осиек. Шефот на општинскиот штаб и заменик градоначалник на Осиек, Драган Вулин изјави дека пожарот се уште не е ставен под контрола, а во гаснењето учествуваат сите доброволни противпожарни единици од градското подрачје заедно со противпожарната служба на Осиек. На терен се и багери од градските претпријатија кои создаваат коридор за да не се прошири пожарот. Причината за пожарот се уште не е позната, но според Вулин, гаснењето би можело да потрае неколку дена поради неговата големина.