Две лица загинаа, а околу половина милион луѓе останаа без електрична енергија во Латвија и Литванија, откако силен циклон со обилни врнежи и ветрови го погоди регионот во текот на саботата и раните утрински часови во неделата, извести Асошиејтед прес.
„Се чини дека ова е најсилната бура во Латвија од 2005 година, според вкупното влијание што го имаше“, изјави Андрис Виксна од Латвискиот центар за животна средина, геологија и метеорологија за АП.
Едно лице загина во Јелгава, во централна Латвија, откако дел од објект се урнал во саботата. Во земјата има и други повредени. Во главниот град Рига, брзината на ветерот во саботата надминала 107 километри на час. На повеќе мерни станици во текот на денот биле регистрирани врнежи еднакви на половина од просечната месечна количина.
Повеќе од 250.000 луѓе останале без електрична енергија, а биле регистрирани и прекини во мобилните комуникации.
Железничкиот и другиот јавен превоз биле нарушени поради паднати дрвја и други предмети врз инфраструктурата. Аеродромот во Рига во неделата наутро соопшти дека поради силното невреме во текот на ноќта можно е летовите да доцнат или да бидат пренасочени.
Едно лице загина и во соседна Литванија, откако врз него паднало дрво. И таму има повредени, а во неделата наутро повеќе од 200.000 жители биле без електрична енергија.
Силни ветрови ја погодија и Естонија, при што најтешко погодени биле западните и северните делови на земјата, како и островите. Фериботскиот сообраќај кон островите бил нарушен, а возовите кои пристигнувале од Латвија и Литванија доцнеле.
