Пожар зафати дел од планината кај селото Желино околу 13:15 часот. На терен интервенираа противпожарни екипи од Тетово и Скопје, Центарот за управување со кризи, како и еден хеликоптер. Градоначалникот на Општина Желино, Блерим Сејдиу, изјави дека постои сомнеж за намерно подметнување на пожарот и очекува сторителите да одговараат пред правдата.
„Според директорот, нашите информации и пожарникарите, тука се пронајдени три запалени гуми за кои се сомневаме дека се намерно фрлени. Работиме со обвинителството и полицијата од Тетово за да ги пронајдеме сторителите на ова грозоморно дело, со кое се обидуваат да ја дефокусираат целата ситуација и јавноста. Но, пред сè, се причинети штети на одредени имоти, земјишта и борови дрвја што ги имаме тука. Кој и да е, ќе се потрудиме да одговара пред правдата и да се санкционира максимално, за вакви случаи да не се повторат“, изјави Блерим Сејдиу, градоначалник на општина Желино.
„Како што рече и градоначалникот, човечкиот фактор е присутен. Населените места не се загрозени од пожарот. Заедно со градоначалникот и екипите, ќе биде изгаснат“, изјави Мухамет Али, директорт на ЦУК.
Новинар: Колку е загрозен делот кај „Еребино“, таму има касарна?
Али: Моментално не е загрозена. Имаме 30 војници и пожарникари кои внимаваат пожарот да не стигне до таму.
Со избувнувањето на пожарот, регионалниот пат Тетово–Скопје и обратно беше блокиран. Делот што беше зафатен од огнот нема станбени објекти, но поради тешкиот терен гаснењето е отежнато.
