Министерството за здравство подготвува нов закон за лекови, со кој се предвидуваат построги правила за нивната достапност, безбедност и квалитет, како и воведување механизми за навремено справување со недостигот на одредени терапии. Една од клучните новини е и предлогот фалсификувањето лекови да се третира како кривично дело.
На националната консултација организирана во соработка со Светската здравствена организација, министерот за здравство Сашо Клековски посочи дека постојниот закон датира од 2007 година и досега бил изменет повеќе од 20 пати, поради што е неопходно донесување целосно ново законско решение.
Според најавите, новиот закон ќе ја регулира исклучиво областа на лековите, додека медицинската опрема и аптекарската дејност во иднина ќе бидат уредени со посебни законски решенија.
Нови правила за недостиг на лекови
Една од најзначајните промени е воведувањето задолжителна постапка за пријавување недостиг на лекови. Производителите и носителите на одобренијата ќе имаат обврска навремено да информираат за можни прекини во производството или испораката, со цел здравствените установи да можат да обезбедат алтернативна терапија.
Клековски нагласи дека голем дел од ваквите ситуации може однапред да се предвидат и дека е неопходна подобра координација меѓу институциите и добавувачите.
Како пример го наведе лекот „декотин“, за кој, според министерот, во моментов постои траен недостиг.
Предвидени се и нови правила за пријавување несакани реакции од лековите, како и усогласување на домашната регулатива со европските стандарди.
Фалсификувањето лекови ќе стане кривично дело
Министерот најави дека новото законско решение ќе предвиди и построги мерки против фалсификуваните лекови. За таа цел ќе биде потребно усогласување со Кривичниот законик, со што фалсификувањето лекови ќе биде посебно опфатено со кривичноправната регулатива.
Во однос на недостигот на терапии на клиниките, вклучително и на Клиниката за онкологија, Клековски посочи дека ќе се бараат резервни решенија за пациентите, а договорите за јавни набавки треба да содржат санкции за ненавремена испорака.
Министерството планира и разговори со Фондот за здравствено осигурување за воведување подолгорочно финансиско планирање при набавката на лекови.
Нови лекови на позитивната листа во 2027 година
Со новиот закон се очекува поедноставување на дел од постапките за регистрација на лековите и подобро следење на нивната потрошувачка. Овие податоци ќе бидат важни при процената на финансиските можности за проширување на позитивната листа.
Клековски најави дека очекува во 2027 година на позитивната листа да бидат вклучени нови лекови.
Претставникот на Светската здравствена организација во земјава, доктор Аким Али, ја поздрави подготовката на законското решение, оценувајќи дека современата регулатива е неопходна за обезбедување безбедни, ефикасни и достапни лекови.
Во подготовката на законот се вклучени претставници на пациентите, лекарите, фармацевтите и фармацевтската индустрија. Нивните забелешки ќе бидат разгледани пред предлог-законот да биде доставен во владина процедура.
