Од раните утрински часови, градските служби спроведуваат интензивни активности за чистење и уредување на повеќе фреквентни локации низ Скопје, информираше градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Во рамки на акцијата се врши машинско перење и уредување на автобуските постојки, се собира насобраниот отпад, се расчистуваат јавните површини и се освежуваат најпрометните точки низ главниот град.
„Неделата ја започнавме со акција за почист и поуреден град. Од раните утрински часови екипите се на терен, се перат и уредуваат автобуските постојки, се собира отпадот и се расчистуваат јавните површини“, објави Ѓорѓиевски на социјалните мрежи, споделувајќи и видео-материјал од теренските активности.
Тој потенцираше дека одржувањето на хигиената бара постојана посветеност и одговорност од сите граѓани.
„Чист град не се создава со една акција, туку со ред, дисциплина и континуирана грижа. Скопје е наш заеднички дом. Да го чуваме чист, уреден и достоинствен — онака како што заслужува секоја европска метропола“, порача градоначалникот.
