Гостите и маските на „стенд бај“ – Владата не ги усвои новите мерки, потребни се законски измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На денешната седница, Владата дискутираше за новиот пакет анти-ковид мерки кои минатата недела ги предложи Комисијата за заразни болести. Граѓаните очекуваат одлука – колку гости можат да примат дома, за носењето маски на отворено и за забраната за собирање на граѓаните на јавен простор по 22 часот.

„Владата ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за задолжително носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, на затворено во јавни објекти, на работно место и во јавен и приватен транспорт.  За забрана за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, при што се предлага на семеен настан во едно живеалиште, стан или куќа да може да се примат најмногу четири луѓе; како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор после 22:00 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено“, велат од Владата.

Но, сето тоа остана само на разгледување. Иако се очекуваше да бидат усвоени, тоа не се случи. За да стапат на сила овие мерки, Владата донесе заклучок дека е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести.

„Во врска со овие препораки Владата донесе заклучок дека за нивна реализација е неопходно да се направат соодветни измени во Законот за заштита на населението од заразни болести со што ќе се обезбеди можност со подзаконски акти Владата да ги уреди предложените мерки со цел  спречување на појавата, рано откривање, спречување на ширењето и сузбивање на заразните болести и на инфекциите, правата и обврските на здравствените установи, правните и физичките лица, како и надзорот над спроведувањето на мерките, со цел заштита на населението од заразни болести“, се додава во соопштението од Владата.

Во однос на угостителските објекти нема нови ограничувања. Се предлага строго почитување на заштитните мерки: дезинфекција на просториите, дистанца меѓу гостите и носење маски.
Oдлуката за враќање на негативен ПЦР тест за државјаните на Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија нема. Уште еднаш се апелира да се патува надвор од државата само доколку е неопходно.