Гостивар ја доби првата ортопедска сала – операциите сега поблиску до локалните пациенти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во гостиварската болница денес беше пуштена во употреба операциона сала во одделот за трауматологија и ортопедија. Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека за да им помогнат на колегите од гостиварската болница, во салата ќе асистираат специјалисти од Универзитетската клиника во Скопје, сè додека локалните лекари не ја стекнат потребната експертиза.

„Инвестиравме за да биде операциона сала во која ќе може да се оперираат сите пациенти кои имаат различни проблеми поврзани со специјализациите на трауматологијата. Тука, заедно со колегите од Гостивар, се и колегите од Универзитетската клиника од Скопје, со цел да се направи трансфер на знаење, за потоа локалните лекари да можат самостојно да изведуваат вакви операции.“, порача Азир Алиу.

Директорот на болницата, Емри Бајрами, нагласи дека ова е првпат во историјата на гостиварската општа болница да се отвори ваква специјализирана операциона сала.

„Ова е првпат во историјата на општата болница во Гостивар да се отвори специјализирана операциона сала за ортопедски и трауматолошки интервенции, каде што ќе се изведуваат сите видови операции од овие области.“, вели Емри Бајрами.

Додека порано пациентите мораа да чекаат со месеци за хируршки интервенции во ортопедија, сега операциите ќе можат да се изведуваат директно во Гостивар, со што се подобрува здравствената услуга и пристапот до локалната здравствена заштита.