Состојбата со пациентите кои побарале медицинска помош во Гостиварската болница се стабилизира, а според институциите од петокот водата е безбедна за пиење. Паралелно со ова, болницата ги завршила сите процедури за дезинфекција и го очекува конечниот потврден одговор од Министерството за здравство за отворање на операционите сали.
Во последните 24 часа, бројот на пациенти со симптоми на труење или слични тегоби бележи значително намалување. Раководството на болницата потврдува дека немало нови случаи со компликации или тешки хоспитализации. Во однос на операционите сали, во болницата е извршена целосна хоризонтална и вертикална дезинфекција. Сите примероци се земени и во моментов се очекува само потврда од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство за повторно започнување на хируршките интервенции.
„Официјално имаме вода за пиење од петокот. Случаите, бројот на случаи, обично е мал. Во рок од 24 часа, на одделението за инфектологија имавме само 4 случаи, додека на одделението за педијатрија само 7 случаи. Немаме нови хоспитализации, немаше пациенти со компликации. Во саботата извршивме хоризонтална и вертикална дезинфекција на салите, односно беше извршено чистење и дезинфекција на салите. Ги земавме и примероците, сега очекуваме потврда од Министерството за здравство да ни ги потврди и да почнеме да ги отвораме салите, да ги ставиме во функција за хируршки интервенции. Денес или евентуално утре. Ние сме подготвени, ги завршивме сите процедури за отворање, само ја чекаме потврдата.“, порача Емри Бајрами.
Од друга страна, министерот за здравство Сашо Клековски рече дека Министерството нема да ги објави резултатите од анализите на водата во Гостивар, бидејќи тие се сопственост на Јавното комунално претпријатие и на Општина Гостивар. Сепак, министерот најави дека Министерството на 20 август ќе ги објави сите податоци за епидемијата.
„Самите резултати од тестирањето на водата се сопственост на Јавното комунално претпријатие „Гостивар“ и на Општина Гостивар. Она што Министерството ќе го објави се резултатите кои беа релевантни за епидемијата, односно од 1 јануари 2026 година до врвот на епидемијата. Сепак, не гледам никаков проблем, бидејќи станува збор за дневни контроли, да бидат објавени од… можам да им предложам и на Комуналното претпријатие и на Центарот за јавно здравје да ги објават. Значи, нема ништо спорно, исто како што и јас ќе ги објавам сите оние што ги реализирал Центарот за јавно здравје во текот на оваа година.“, вели Сашо Клековски.
Дека ЈП „Комуналец“ имало договор со Центарот за јавно здравје во Гостивар беше потврдено пред неколку дена од Центарот за јавно здравје и од Општина Гостивар. Зошто не било дадено предупредување порано дека водата во Гостивар не е за пиење, сега истражува Обвинителството, бидејќи според договорот Центарот за јавно здравје требало да врши анализи два пати неделно. Пумпите биле поставени на 25 јуни, кога се сомнева дека била загадена водата, додека првите пациенти покажале симптоми на 14 јули, односно околу 20 дена подоцна.
