ГП „Лојане-Миратовац“ и понатаму затворен – Владата: Србија треба да назначи ко-претседател на комисијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Уште во 2019 година беше потпишан договор меѓу Србија и Северна Македонија, но граничниот премин Лојане-Миратовац сè уште е затворен. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски тогаш изјави дека оваа граница ќе биде отворена наскоро. И шефот на дипломатијата, Бујар Османи во 2018 година уверуваше дека настојуваат на што поскоро отворање на овој граничен премин.

„Граничниот премин ќе биде меѓународен, но настојувавме додека да се создадат услови за трансформација или отворање на меѓународниот граничен премин, да се отвори како локален за луѓето веднаш да почнат да контактираат со членовите на нивните семејства од двете страни на границата“, вели Бујар Османи.

„Сите проекти на кои почнавме да работиме во последните години, се проекти кои влијаат за нашите транзитни услуги да бидат поефикасни и побрзи“, додава Небојша Стефановиќ.

ТВ21 побара став од Влада – зошто овој граничен премин сѐ уште не е отворен? Од таму ни рекоа дека се чека Србија да избере ко-претседател на Заедничката комисија.

„Постапките за отворање на граничниот премин Лојане-Миратовац се во тек. Постои заемна политичка волја од двете страни за отворање на истиот, при што сме во очекување Република Србија да назначи ко-претседател на Заедничката мешовита експертска комисија за отворање на гранични премини, со цел продолжување на билатералната комуникација“, велат од Влада.

Инаку, за да стасате од Лојане до Миратовац потребни се само 3 километри, но жителите на двете села се принудени да патуваат повеќе од 30 километри, преку ГП „Табановце“ за да можат да ги посетат своите роднини.