Град Скопје со итна реакција по појавата на непозната материја во реката Лепенец која се влева директно во Вардар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По пријава за појава на непозната супстанција која преку реката Лепенец се влева директно во Вардар, градските и државните инспекциски служби веднаш излегоа на терен за да ја лоцираат причината за потенцијалното еколошко загадување.

На терен веќе се ангажирани екипите на Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, а ситуацијата се следи и од воздух.

„Нашите инспекциски служби реагираа без одложување. Пуштен е дрон за детектирање на изворот на оваа појава, а екипите на ЈП ‘Водовод и канализација’ земаа мостри од водата за итн итно лабораториско испитување. Толеранција за загадувачите нема да има — секој што го загрозува здравјето на граѓаните и околината ќе биде соодветно санкциониран“, истакна градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Од Град Скопје информираат дека се во постојана комуникација со надлежното Министерство и ресорниот министер.

Подетални информации за видот на материјата и евентуалниот причинител се очекуваат веднаш по завршувањето на лабораториските анализи и инспекцискиот увид на терен.