Потребно е само малку боја, волја и време да направите вакво уметничко дело и истовремено да се избришат навредливите графити од ѕидовите во градот.
За жал, ретко можеме да видиме вакви позитивни пораки во градот. Поголемиот дел се навредливи и може да се видат на секој агол од градот на јавни простори. Претежно напишани на ѕидовите на становите, спортските сали и стадионите. Овие пораки пренесуваат омраза и насилство до одредена заедница. Но, двајцата студенти, Панде и Камелија ги претворуваат овие навредливи графити во уметнички.
„Пишуваме општо, најобјектвно, контрадикторно од тоа што е предходно напшано на самите ѕидови. Пишаваме „Ти си човек“, „Ти си мозок“, што е комплетно спротивно на говор на омраза. „Ти си човек“ е универзална порака да ни каже дека сите сме луѓе без разлика какви сме“, вели Панде Ефтимов.
Досега тие работеа на три графити, додека на пролет, кога денот е подолг и времето подобро, тие ќе продолжат да ги претвораат навредливите графити во позитивни пораки.
„Зачудувачки целосно позитивен, немаме сретнато негативен коментар. Додека работевме на самите графити, соседите ни нудеа кафиња и чајчиња за да не стоплат. Се беше позитивно. Мислам дека сите се среќни затоа што се брише говорот на омраза“, рече Камелија Каламерникова.
Хелсиншки комитет постојано предупредува дека во нашата земја најчестите жртви и автори на ваквите дела се малолетниците, а говорот на омраза е појава која директно придонесува во зголемувањето на насилството кај младите.
„Најголем дел од говорот на омраза го шират возрасните луѓе кои се постари од 18 години, додека најголем дел од извршителите на дела од омраза се малолетниците. Дотолку излезете и напишете смрт за таа и таа група вие правите кривично дело каде што повикувате на омраза и насилство кон една одредена група. Во 104 случаи кои се случиле во 2020 година кои се регистрирани кај нас спаѓаат и овие графити. Не е возможно секогаш да се следи затоа што и општините се агилни и реагираат и ги тргаат но мојот впечаток е дека ги има премногу“, изјави Вилдан Дрпланин.
Хелсиншкиот комитет исто така организира теренски активности за отстранување или покривање на таква содржина. Ако забележите навредливи и дискриминирачки графити во вашата населба, можете да испратите слики и точната локација на страницата „Злосторства од омраза“ и тие графити ќе се претворат во убава порака или слика.
