Тетовецот Агрон Арифи пред надлежните органи го презентираше случајот со нападот од кучиња скитници, а ги алармира и медиумите. Но, градоначалникот на општината Биљал Касами рече дека за овој случај се шират тенденциозни информации и дека граѓанинот ги испровоцирал кучињата. За ова денеска Арифи уште еднаш се појави пред медиумите.
„Неговата изјава дека е известен за проблемот, но својата неспособност да го реши проблемот се обиде да ја покрие нарекувајќи ја мојата реакција тенденциозна, невистинита снимка и дека сум ги испровоцирал кучињата, ова можам да го наречам скандалозно. На пресот, за да го убедам во опасноста со која се соочуваме како маало, ќе доставам уште две видеа снимени од жителите на населбата“, вели Агрон Арифи.
Арифи покажа и докази дека го пријавил случајот.
„Во пресот на градоначалникот беше кажано дека мојот случај не е доставен до ниту една институција, што е и доказ за неинституционална координација. Дали требаше да ме растргнат кучињата скитници за случајот сериозно да се испита!? Имам само извештај од ветеринарот за повредите што ги здоби моето куче за време на нападот. Еве го извештајот. Пред фактите и боговите молчат, изјавата на градоначалникот ја демантирам со записник од 3.10.22“.
Инаку, според полицискиот извештај во Тетово, на секои шест дена по еден граѓанин е каснат од кучиња скитници, а општина Тетово плаќа по 300 евра за куче на здружението Амос Пет. Според нив, од градот досега се отстранети околу 40 кучиња скитници, но општината се правда со тоа што кучињата скитници во Тетово се носат од други градови.
