Граѓаните да пријавуваат ако парното им е слабо

НАЈНОВИ ВЕСТИ

И по 50 дена од стартот на грејната сезона граѓаните се повеќе се жалат дека радијаторите им се млаки а домовите им се ладни. Велат дека се незадоволни од испораката на топлинската енергија, често пати во текот на денот им го намалуваат греењето, а има случаи и кога целосно го исклучуваат. Мораат дополнително да загреваат затоа што или имаат мали деца или пак стари и болни луѓе. Од ЕСМ кој оваа година го презеде парното греење во Скопје, велат дека граѓаните доколку имаат поплаки да пријавуваат или да поднесат приговор на телефонските броеви 02 3076-200 и 075 400 – 100. Велат дека не се работи за слаба испорака на топлинска енергија, туку најверојатно се работи за некаков дефект.

„Ние постојано ги примаме рекламациите за квалитет на греење и постапуваме по нив. Ги охрабрувам уште еднаш нашите потрошувачи да ги пријавуваат своите рекламации за квалитет на греење во случајов, во Центарот за грижа на корисници. Нашите екипи и дежурни, оние кои се редовно, постојано се на терен кај потрошувачите во нивните станови, објекти, топлински станици и се отклонуваат навремено сите дефекти. Тоа исто така е последица на некој дефект, затоа е потребно тоа да се пријави кај службите, да се провери и утврди“, рече Александра Мароевиќ, помошник директор за топлинска енергија.

Од ЕСМ велат дека граѓаните своите сметки можат да ги плаќаат на три пунктови низ градот и тоа во ГТЦ веднаш позади зградата на ЕСМ, потоа во Аеродром и во Тафталиџе. Оттаму повикуваат граѓаните да пополнат формулари за во иднина сметките да ги добиваат и да ги плаќаат електронски.

„На нашите потрошувачи им стојат 4 начини на плаќање. Можат без провизија да ги плаќаат фактурите на шалтерите во трите пунктови, да ги плаќаат на шалтерите на сите банки и Македонска Пошта, да го искористат електронското банкарство, сопственото со реализација преку ПП 30 налог или електронското банкарство што го нуди секоја банка“, вели Мароевиќ.

Деновиве премиерот Ковачевски рече дека за потребите на топланите, е набавен гас за цел декември. Воедно решен е и проблемот со Топланата Скопје Север откако беше потпишан договор, со што граѓаните на Чаир и Бутел ќе добиваат затоплување како и сите потрошувачи, преку ЕСМ.