Граѓаните го ризикуваат животот при нелегално преминување на „Бит Пазар“! Властите најавуваат затворање и уривање на надвозникот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скратуваат пат, но го ризикуваат животот!

„Додека надвозникот останува неискористен овде во Бит Пазар, граѓаните ја користат оваа нелегална делница каде што нема пешачки ленти и го ризикуваат својот живот. Во меѓувреме, надлежните ветуваат дека ќе го отстранат овој мост, но и дека ќе го затворат овој див премин“, известува Аднан Каили, новинар на ТВ21.

Пешаците на булеварот „Крсте Мисирков“ кај мостот на Бит Пазар не го користат надвозникот. Тој е запуштен, полн со отпад и е претворен во јавен тоалет. Никој не се качува по скалите, а лифтот со години не функционира. Граѓаните велат дека треба да биде урнат.

„Не го користат затоа што немаат култура, а мостот е многу добро изграден за да се поминува преку него. Знам дека имало и лифт, но не работи. Ние не сме доволно воспитани да го користиме мостот, а ова овде е грешка што е отворено. Не знам колку луѓе досега се прегазени, ова не е во ред – да бидеме искрени и да кажеме како што е.“

Некои други велат дека овој нелегален премин на булеварот често бил трагично место на сообраќајни несреќи, каде биле прегазувани пешаци. Тие додаваат дека сообраќајниот метеж дополнително се влошува поради ваквото преминување.

„Треба повеќе да се користи мостот отколку овој премин. Дали е загрозен животот на граѓаните кога поминуваат тука без пешачки ленти? Или треба да се затвори или да се постават линии. Инаку можат да се случат несреќи – веќе се случувало луѓе да бидат прегазени, и пешаци и велосипедисти и моторџии. Дали мостот треба да се одржува? Да, треба, но и граѓаните треба да бидат внимателни.“

Од Град Скопје велат дека во изминатата недела меѓуопштинската средба со Општина Чаир била продуктивна и дека е направен оперативен план за целосно отстранување на надвозникот. Градоначалникот Орце Георгиевски изјави дека по уривањето на пешачкиот мост, ќе се затвори и нелегалниот премин.

„Во наредните денови ќе започнеме со уривање на неколку дивоизградени објекти. Тие процеси ќе се одвиваат паралелно, ќе се отстранат сите нелегални објекти таму, а потоа ќе се затвори и нелегалниот премин. Имаше барања од граѓаните од тој дел на градот да се легализира преминот, но ние сме категорично определени тој да се затвори, заради безбедноста на пешаците, но и на возачите“, изјави Орце Георгиевски.

И градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, за време на предизборната кампања ветуваше дека ќе го отстрани овој неискористен надвозник и ќе се постави официјален пешачки премин со семафори. Тој изјави дека општината не потрошила ниту денар за изградбата, бидејќи објектот бил добиен како компензација за рекламни простори на маркетинг агенција. И од Здружението на тезгаџии од Бит Пазар и еснафот од Старата скопска чаршија велат дека овој нелегален премин повеќе создава хаос отколку што служи за добро.