Граѓаните ќе празнуваат слободно, без рестрикции – Чолакова: Не можеме да им ја забраниме насмевката

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Состојбата со корона вирусот е мирна, нема гужви низ ходниците на амбулантите ниту повици, вели за ТВ21 докторката Лилија Чолакова Дервишова. Исто така и неделните анализи на ИЈЗ покажуваат дека за 80% се намалени случаите со ковид 19 во споредба со минатата недела.

Од таа причина Чолакова смета дека не се потребни рестриктивни мерки за новогодишните празници туку социјалниот живот да продолжи нормално. Таа вели дека повеќето граѓани веќе имаат имунитет бидејќи го прележале вирусот или се вакцинирани.

Министерот за здравство во заминување Венко Филипче вчера рече дека нема опасност од корона вирусот и дека граѓаните треба да празнуваат без ограничувања.

Од друга страна европските држави се затвораат и воведуваат дополнителни мерки поради зголемен број на случаи со ковид 19 и другите соеви на овој вирус. Сојот омикрон кој е повирулентен од другите соеви, е регистриран во соседна  Албанија, каде се потврдени два случаи. Грција бара од туристите да се тестираат вториот и четвртиот ден по пристигнувањето, задолжително носење маска, како надвор така и во затворени простории, откажување на сите јавни собири  за празниците. Ова се новите мерки на владата на Грција кои стапуваат на сила од утре.