Некои среќни, повеќето не. Ова е одговорот на граѓаните за тоа дали се среќни или несреќни и што ги прави да се чувствуваат така.
„Па не сум баш среќен“.
Зошто, што ве прави несреќен?
„Па кризава, не излегуваме крај со крај, не сме среќни баш. Инаку, слободни сме вака, се добро, но со кризата нешто не сме баш среќни“.
„Несреќна. Затоа што нема ни можности, нема ништо. Нема работа, нема услови за младите“.
„Јас лично сум среќна. Животот ми е убав тука“.
Премиерот Ковачевски вели дека предизвик за секој премиер е да го подобри животот во државата, да обезбеди повисок стандард на граѓаните, но според него, посреќни граѓани ќе има во државата кога ќе станеме членка на Европската унија.
„Доколку ги погледнете истражувањата на јавното мислење тогаш ќе видите дека членките а Европската унија или земји кои што имаат огромни природни ресурси кои што им овозможуваат големи суфицити на нивните буџети се побогати земји. Затоа целта е остварување полноправно членство во Европската унија и зголемување на животниот стандард, зголемување на платите,практично се поврзани помеѓу себе со задоволството на сите граѓани на државата“, додаде Димитар Ковачевски.
Македонија се најде на 87 место од вкупно 137 држави на новиот извештај „Среќа во светот 2023“ кој го објавуваат Обединетите нации. Според овој извештај сме на последното место на Балканот, а во рамките на европските држави се вбројуваме во делот на најнесреќните земји. Финска и оваа година е прогласена за држава со најсреќно население. Извештајот е формиран според неколку мерила и тоа –животен век, БДП по глава на жител, социјална поддршка, степен на корупција и слобода на граѓаните да донесуваат клучни животни одлуки.
