Граѓаните преку буџетот платиле над 2,7 милиони евра на име камати, затоа што УЈП доцни со исплатата на повратот на ДДВ за компаниите. ТВ21 објави дека од смената на власта до сега се натрупани околу 70 милиони евра долг на компаниите за поврат на ДДВ. Сепак директорката на УЈП Елена Петрова не гледа неажурност во работата на институцијата со која раководи – неажурност која ја плаќаат граѓаните. Вели каматите биле помали од измамничките побарувања кои ги спречиле.
–Каматите што се платени се со многу понизок износ во однос на она што се утврдени неправилности и средства кои што се спречиле да бидат одлеани од буџетот по основ на неправилно искажани побарувања за ДДВ, да не речам и измамнички побарувања. Во периодот сме имале контроли надворешни контроли кои што, со кои што дополнително утврдените даноци, неправилно искажан данок особено во делот нели каде што било барање за поврат на ДДВ изнесуваат и околу 6 милијарди денари, изјави Елена Петрова, директорка на УЈП.
Податоците од УЈП покажуваат дека за минатата година на име камати поради доцнење со повратот на ДДВ на компаниите се исплатени над 2,4 милиони евра, а за првите два месеци од годинава над 300.000 евра, или вкупно над 2,7 милиони евра.

Дека се доцни со месеци со повратот на ДДВ реагираа компании до нашата редакција. Тврдеа дека сумите се од неколку стотици до неколку милиони евра, а доцнењето по 4-6 па и 8 месеци, а кај некои со години. Реагираа дека државата со доцнењето директно ја поткопува ликвидноста на компаниите. А дека има доцнење за ТВ21 потврдија и од Сојузот на стопански комори.
-Информациите кои што ги добиваме од нашите членки покажуваат дека со повратот на ДДВ се доцни 3 до 4 месеци. Од доцното враќање на ДДВ особено се погодени извозните компании затоа што тие во континуитет се во состојба дека треба да повраќаат ДДВ. Тие можат да бидат доведени во неликвидност затоа што тоа што го заработуваат е помалку од 18 проценти ДДВ колку што обично се плаќа за тоа што го наплатуваат. И многу е важно за да нивните бизнис операции се одвиваат во континуитет навремено да се враќа ДДВ-то, вели Орце Симов, потпретседател на ССК.
Податоците пак кои ги доби ТВ21 покажаа дека од јули лани до крајот на годината , УЈП добила барања за поврат на ДДВ тешки над 292 милиони евра, а вратила назад на компаниите 232 милиони евра. Или невратениот ДДВ кон компаниите бил речиси 60 милиони евра. Годинава пак доспеале побарувања од 138 милиони евра, а не биле вратени 8 милиони евра. Или вкупно од јули лани до сега долгот е 68 милиони евра.



Петрова тврдеше дека повратот на ДДВ се исплаќа редовно, за еден месец, освен во случаите каде што требало дополнителна проверка. Не прецизираше колку време им е потребно на даночниците за подеталните контроли.
