Граѓаните на Ниш денеска, како и минатиот петок, се собраа на раскрсницата пред зградата на Основниот и Вишиот суд за да им оддадат почит на загинатите при падот на настрешницата од Железничката станица во Нови Сад и се солидаризираа со нивните семејства.
Граѓаните застанаа на раскрсницата во 11:52 часот и стоеја 15 минути за 15-те загинати.
За разлика од претходниот пат, овој пат немаше обраќање од претставници на политички партии, иако беа присутни.
Активистите на Зелено-левиот фронт носеа транспаренти со црвен отпечаток на дланка и натпис „Рацете ви се крвави“.
Претставниците на движењето „Крени-промени“, на чија иницијатива се организираат собирите во Ниш, претходно изјавија дека бараат одговорните за смртта да бидат изведени пред лицето на правдата.