Граѓаните се повеќе користат платежни картички и електронско банкарство

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Плаќањата на физичките и правните лица во земјата со посредство на банките, преку користење на кредитните трансфери и платежните картички, во првиот квартал од оваа година забележале годишен раст од 15,2 отсто на бројот и 5,8 отсто на вредноста на остварените трансакции, соопшти Народната банка.

Според објавените податоци, кај плаќањата остварени со кредитни трансфери годишниот раст на бројот на трансакции изнесува 4,4 отсто, а кај вредноста 5,6 отсто. Во однос на плаќањата со платежни картички во трговијата, забележан е висок годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 27 отсто, односно 26,2 отсто.

Во март, откако започна здравствената криза во земјава, забележан е годишен раст на вредноста на трансакциите со кредитни трансфери од 4,9 отсто, извршени со зголемен број трансакции кај физичките лица за 1,3 отсто и благ пад кај правните лица од 0,7 отсто. Кај плаќањата со платежни картички е остварен висок годишен раст на вредноста 27,6 отсто и бројот на трансакциите од 31 отсто, движен од физичките лица.

– По отпочнување на корона-кризата, физичките лица сè повеќе ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во март се зголемил за значителни 30,3 отсто на годишна основа, односно за 21,4 отсто на месечна основа. За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле компјутерите. Поконкретно, кај плаќањата извршени преку компјутер, во март се забележува висок годишен раст од 26,4 отсто, односно месечен раст од 27,2 отсто, кој е двојно повисок од годишниот раст во првиот квартал од оваа година кој изнесуваше 13,8 отст, наведуваат од Народната банка.

Оттаму додаваат дека за извршување плаќања, значително повеќе во споредба со претходно граѓаните ги користеле и мобилните телефони. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон во март пораснал за 45,5 отсто на годишна основа, при поумерен месечен раст од 7,4 отсто. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е релативно блиску со годишниот раст остварен во првиот квартал од минатата година, од 45,9 отсто. Тековно, од страна на граѓаните, еден од четири електронски кредитни трансфери се иницира преку мобилен телефон, додека останатите три електронски кредитни трансфери се иницираат со користење компјутер.

– Менувањето на навиките на граѓаните заради условите што ги наметна пандемијата на Ковид-19, придонесе и за релативно висок годишен пад на бројот на кредитните трансфери иницирани на хартија од 6,9 отсто во март оваа година, односно месечен пад од 13 отсто. Притоа, годишниот раст на кредитните трансфери иницирани на хартија, во првиот квартал од оваа година изнесува 4,1 отсто. Сепак, користењето на хартиените налози од страна на граѓаните сѐ уште е високо, имајќи предвид дека речиси три од четири кредитни трансфери се иницираат на хартија, стои во соопштението од Народната банка.

Плаќањата со платежни картички на физички места на продажба во првиот квартал од 2020 година остварија висок годишен раст од 22,3 отсто, којшто е движен пред сè од физичките лица. Притоа, во март е забележан годишен раст на бројот на трансакциите на физичките лица од 11,4 отсто, при висок годишен пад на трансакциите кај правните лица од 17,8 отсто.

Во однос на користењето на платежните картички на местата на продажба на интернет, во првиот квартал од оваа година, исто така, е забележан висок годишен раст кај бројот на трансакциите со 62,3 отсто, кој е движен пред сè од физичките лица. Подтоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните поинтензивно ги користеле платежните картички за купување преку интернет во март, достигнувајќи многу висок годишен раст од 99 отсто, при регистриран годишен пад кај бројот на трансакциите на правните лица за 2,5 отсто.

– Поинтензивното користење на придобивките од електронското банкарство и купувањето преку интернет во текот на март, во значаен дел се должи на прифаќањето на апелот на Народната банка за безготовински плаќања и за користење на платежните картички, како и на активностите што ги презедоа банките по започнувањето на корона-кризата, заради заштита на јавното здравје, наведуваат од Народната банка.