Вучиќ: Кога ќе поднесам оставка, изборите мора да се одржат во рок од 90 дена

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Српскиот претседател Александар Вучиќ денес повтори дека ќе поднесе оставка, нагласувајќи дека потоа ќе се види дали во рок од 90 дена ќе се одржат парламентарни или претседателски избори, објавија српските медиуми.

Доколку поднесе оставка, им изјави тој на новинарите во Пекинг, каде што е во посета на Кина, функцијата и овластувањата на претседателот ќе ги преземе претседателот на Народното собрание. Тој не кажа кога ќе го преземе овој чекор.

Вучиќ додаде дека не е од оние што сакаат да останат на фотелја до крајот на животот, „како некои други“, објавуваат медиуми во северниот сосед.

Тој изјави дека, во случај да поднесе оставка, изборите мора да бидат распишани во рок од 90 дена, како што е предвидено со Уставот.

„И не го скратувам мандатот, како што ме измамија дека Борис Тадиќ го скратил својот мандат. Тој не го скратил својот мандат, туку поднел оставка. И јас ќе поднесам оставка, бидејќи така е напишано во Уставот, не скратувам никаков мандат. Кога ќе поднесам оставка, тогаш ќе видиме дали ќе има парламентарни избори, додека во рок од 90 дена ќе се одржат претседателски избори и тоа е сè. Нема голема филозофија“, рече Вучиќ.