Граѓаните свртеле 4,5 милијарди евра преку картички, Ангеловска вели последни сме во Европа по користење картички

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Граѓаните за девет месеци лани свртеле речиси 4,5 милијарди евра преку платежни картички. Податоците на Народната банка покажуваат дека граѓаните вртат големи пари, но повеќе од половината за вадење на кеш од банкомат. Математиката покажува дека дневно за тие девет месеци се вртеле по 16,6 милиони евра, а само во третиот квартал над 1,5 милијарда евра.

И Народната банка во третиот квартал лани забележува значителен годишен раст кај бројот и вредноста на дигиталните плаќања.

Бројот на плаќања пак во е -трговијата изнесува речиси 30 проценти. Значителен годишен раст има кај употребата на апликации за мобилно плаќање, за 50 проценти во однос на 2023-та.

Од Асоцијацијата за е-трговија ги поздравуваат бројките, но велат треба уште работа.

-Позитивно е што се забележува раст кај дигиталните плаќања и плаќањето со платежни картички, бидејќи ако ги погледнеме податоците во извештајот на е-трговија за Западен Балкан кој што го продуциравме и публикувавме со Асоцијацијата за е-трговија ќе забележиме дека Македонија, заедно со соседите сме најниско рангирани или последни, кога станува, споредено со Европа, кога станува збор за користењето на платежните картички, изјави Нина Ангеловска, претседател на асоцијацијата за е-трговија.

Сепак во електронската трговија доминантно платежно средство е кешот.

-Драго ни е што во голема мера овој раст кај дигиталното плаќање се должи на раст на трансакции во електронската трговија, меѓутоа се уште кога станува збор за електронската трговија доминантно платежно средство е кешот кој што воедно е еден од главните предизвици на е-трговците заедно со сивата економија кои што пак се тесно поврзани, изјави Нина Ангеловска, претседател на асоцијацијата за е-трговија.

Според Ангеловска треба уште работа во делот на кревање на довербата во плаќањето со картички, како и на едукација на граѓаните.