Дали снегот ги изненади надлежните или ги дочека подготвени? Ги прашуваме граѓаните колку се задоволни од тоа како се справија? Дали воопшто си ја завршија и тие нивната обврска да си исчистат пред домовите или деловните објекти?
Кога секој би си чистел, би немале толку работа ни Комуналците.
-Си ја завршија ли надлежните работата?
-Супер, супер…Обврска на секој е да си исчисти пред својот двор.
-Секој има обврска пред дуќанот да си исчисти, за останатото се гледа. Улиците да, но тротоарите не се чисти.
Делумно, вообичаено нели? Мислам дека не е едноставно да се исчисти сосема како што сакаме, особено кога знае да завее многу повеќе снег од вообичаено мислам дека е во ред, се трудат. Јас живеам малку подалеку и си исчистив , морав нема кој да ми исчисти.
-Воопшто не се исчистени. Сега паднав, види! Шилегов не чисти, стари луѓе ќе се утепаат.
И додека анкетиравме случајни минувачи наидовме на инспектори кои им делеа известувања на сопствениците на деловните објекти дека доколку не исчистат следуваат казни. Ова важи и за физички лица кои треба да го исчистат просторот пред домовите.
„Комуналните инспектори и комуналните редари од Град Скопје се постојано на терен и ја следат состојбата со расчистување на јавните површини и просторот пред правните субјекти, влезовите од колективно домување и дуќаните и ги едуцираат и задолжуваат да ја исполнат законската обврска за да го расчистат снегот пред своите дуќани и влезови. Доколку тие не постапат по задолжувањата, Инспекторатот на Град Скопје ќе им изрече глоба според Законот з ајавна чистота, член 22, во висина од 1 000 евра за правно лице и 100 евра за одговорното лице.“, вели Ваљон Салиу, портпарол на Град Скопје.
Од чистењето на снегот зависи безбедното движење на граѓаните. Се чини највозрасните како и секоја година најмногу ги чувствуваат последиците од снегот, а тоа се најчесто скршеници. Еве, каква е состојбата деновиве:
-Изминатите 38 часа со промената на временските услови и доаѓањето на снежните наноси во Градот Скопје и околината, Брза помош-Скопје не бележи зголемен број на инетервенции. Во саботата иамвме три покани, а во неделата две покани. Старосната возраст на тие покани е од 60 до 90 години.-вели Милица Бубало од ИМП.
Од Итната медицинска помош препорачуваат внимателно движење или да се остане дома ако не е неопходно, како што налага и целата состојба изминатите година дена.
