Граничните премини повторно празни – државјаните на Косово се враќаа назад

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поради одлуката за ПЦР тест за државјаните на Косово, на Блаце имаше малку автомобили. Во нашата земја без проблем влегуваа автомобили со регистерски ознаки на РСМ и европските држави.

Граѓанин: „Таму е жена ми, одам да ја земам“.

Новинар: Каде живеете, во Косово?

Граѓанин: Не, во Германија . . . накратко сме само.

„Имаме германско државјанство. Треба да одиме до аеродром“.

Превозник: „Одиме во Истанбул. Ние сме турски државјани, возачи сме“.

Новинар: Дали имавте проблеми со границите?

„Не, немавме проблеми“, вели превозник.

Не им беше дозволено да влезат само на косовските државјани.

Во текот на денот се враќаа и други патници и автомобили, извести командирот на полициската станица на граничниот премин Блаце, Бесим Асани.

„Имавме десетици автомобили кои дојдоа до граничниот премин, но поради тоа што немаа тест, беа вратени назад“, истакна Бесим Асани.

На државјаните од Косово не им е дозволено да поминат на Блаце, бидејќи со новата владина одлука на РСМ, тие можат да влезат со ПЦР тест кој не е постар од 72 часа. Оваа одлука стапи на сила на полноќ на 9 јули и не се знае до кога ќе важи.