Границите остануваат отворени без услови, Спасовски: Не носиме политичка одлука, одлучуваат епидемиолозите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Границите со Косово и Србија остануваат отворени и граѓаните ќе можат да влегуваат и излегуваат без никаков услов. Комисијата за заразни болести дискутираше за можноста за затворање на границата со Србија и Косово, но таков предлог не беше испратен од комисијата до Владата.

За ова прашање дискутираше и Кризниот штаб на Владата, но иако епидемиолозите не предложија да се затворат граничните премини, сепак Владата нема да дискутира за ова прашање, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски

Од друга страна, Владата ги објави и протоколите за постапување на неколку институции и служби. Меѓу нив е и протоколот за меѓународен превоз, кој беше вратен во функција минатиот петок. Протоколот предвидува:


-Задолжително носење на заштитни маски на патниците и возачот/ите.
-Возачот е одделен од делот за патници со физичка преграда,
-На автобуските станици да се означат/обележат точки за патниците,
-За 50% намалување на капацитетот на патници,
-Регулирано движење на патниците (влез-излез на посебна врата),
-Обезбедување на редовна контрола за почитување на овие мерки,
-Поставено средство за дезинфекција на раце на влезните врати.
-Поставен на јасно видливи места, едукативно-информативни материјали,
-Се забранува јадење, пиење, грицкање во возилата,
-Обезбедување на корпа за отпадоци со пластична кеса и капак која ќе се празни после секоја тура,
-Тоалетот редовно да се чисти и дезинфицира,
-По завршување на турата задолжително механичко чистење и дезинфекција на автобусот.

Истиот протокол важи и за меѓуградски превоз. Можноста за затворање на границите со Косово и Србија следуваше откако во овие две држави е забележано зголемување на бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во однос на бројот на направените тестирања.

Без услов во нашата земја се влегува од минатиот петок, но нашите граѓани сѐ уште не можат да патуваат во европските земји, бидејќи ЕУ ја стави Македонија во група на ризични држави според епидемиолошката слика на Ковид-19.