Квалитетот на обвиненијата мора да има предност пред брзината на постапувањето, а поголемата примена на спогодувањето може значително да ја подобри ефикасноста на кривичниот прогон. Ова го порача кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Хаџи Василева нагласи дека секое обвинение мора да биде поткрепено со доволно квалитетни докази, кои ќе можат да го издржат испитувањето пред судот.
„Квалитетно обвинение значи обвинение базирано на доказен капацитет и квалитет. Постојат и објективни критериуми за тоа што значи доволно докази за пред судот да го докажете она за што товарите некого“, истакна Хаџи Василева.
Таа посочи дека во јавноста често се инсистира на брзина во постапувањето на обвинителите, но дека поважно е предметите да се решаваат ефикасно, во разумни рокови и без да се загрози квалитетот на обвинителските одлуки.
„Брзината можеби не е вистинскиот израз, туку повеќе ефикасност и правични рокови. Брзината може да биде релативна работа“, рече таа.
Како еден од своите приоритети, доколку биде избрана за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Хаџи Василева го најави интензивирањето на примената на институтот за спогодување.
„Една од работите за кои особено ќе се залагам, доколку станам шеф на Обвинителството, е интензивирање на примената на институтот за спогодување. Некако се чини дека малку го запоставивме тој институт, од многу причини, можеби објективни, можеби субјективни“, изјави Хаџи Василева.
Според неа, спогодувањето е правен механизам што се применува во многу земји и може да придонесе за поефикасно завршување на кривичните постапки, особено во услови кога обвинителите се соочуваат со голем број предмети.
Таа предупреди дека инсистирањето на брзо поднесување обвинение по еден предмет може да доведе до застој во постапувањето по други предмети.
„Можете брзо да извадите едно обвинение, но тоа значи дека ќе стојат сите оние други предмети што ви дошле во тој период. Треба да рационализираме со примена на сите овие механизми“, нагласи кандидатката.
Хаџи Василева порача дека ефикасноста не смее да се постигнува на сметка на доказите и законитоста, без разлика дали постапката завршува со обвинение или со спогодба.
„Квалитетот во нашата работа, кога станува збор за обвинување некого, мора да се базира на сериозен доказен капацитет, кој ќе биде убедлив пред сè за судот“, истакна Хаџи Василева во „Клик Плус“ на ТВ21.
Според неа, подобрувањето на резултатите во борбата против организираниот криминал и корупцијата бара истовремено рационално управување со предметите, поголема примена на законските механизми и обвиненија засновани на цврсти докази.
