Грчка плажа прогласена за најдобра во Европа, а на листата се наоѓаат и четири хрватски

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Порталот World’s 50 Best Beaches објави ажурирана листа на најдобрите плажи во Европа, на која се наоѓаат дури четири плажи од Хрватска.

„Многу од нашите оценувачи посетиле стотици или илјадници плажи, некои од нив во секоја земја во светот, па нивниот придонес се базира на вистинско искуство. Критериумите не се само популарност или препознатливост. Се работи за целосно природно доживување на плажата и како навистина се чувствувате кога сте таму“, изјави за Forbes Slovenija Тине Холст, ко-основачка и извршна директорка на организацијата што ги избира најубавите плажи.

Експертите, меѓу кои има и инфлуенсери, ги оценуваат плажите според повеќе фактори, меѓу кои колку се уникатни и недопрени, веројатноста за среќавање со диви животни, леснотијата за пливање и колку се преполни. Исто така се зема предвид дали плажата нуди автентичен „саундтрак“ на природата и вкупната веројатност за идиличен ден.

На врвот на европската листа се плажата Фтери на грчкиот остров Кефалонија и Кала Макарела на шпанскиот остров Менорка, додека Кала деј Габијани на италијанска Сардинија е на третото место.

На европската листа се наоѓаат и четири хрватски плажи: Плажа Пашјача во регионот Конавле на југот на Хрватска, Златни рат на југот од островот Брач, плажата Подраче во Брела на Макарската ривиера и Мартиница, исто така во близина на Бол на Брач.

Медитеранските, особено грчките и шпанските плажи и понатаму доминираат, но на листата се наоѓаат и поинтересни дестинации: плажата Ким во Ирска (11. место), песочната плажа Пуин во Норвешка (24. место) и плажата Дијамант на Исланд (38. место).