Грција донесе дополнителни мерки: Затворени паркови, забрана за пловење со јахти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Патување на грчките острови дозволено само за постојаните жители; затворени мобилните пазари; забрана за пловидба на приватните јахти, затворени паркови во Атина, се дел од новите мерки кои денеска стапуваат во сила во Грција, а паралелно се зголемува и полициското присуство и со мегафони ќе им препорачуваат на граѓаните да останат дома, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик – министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас, вчера соопшти дека бродовите и траектите кон грчките острови ќе бидат наменети само за постојаните жители и тоа од апсолутно неопходни причини, за снабдување на островите со храна и за оние што сакаат да се вратат, а се забранува и пловидба на приватни јахти на целата територија на земјата.

Сите мобилни пазари во Грција денеска ќе бидат затворени, а од понеделник за 50 отсто ќе биде намален бројот на производители, а тезгите ќе треба да бидат на растојание од пет метри.

Во супермаркети, од понеделник, бројот на потрошувачи треба да биде еден на 15 метри квадратни, а не на десет како што беше до сега.

Хардаљас повтори дека забранети се собири на десет или повеќе лица, а за прекршувачите предвидени се казни од 1.000 евра по лице и по случај.

-За време на викендот ќе има силно присуство на полиција во паркови, на големи плоштади, простори каде што се забележуваат собири на луѓе. Целта е да се почитува горенаведеното правило. Не е дозволено ниту пикник, ниту спортување на тимови. Повторуваме дека движењето надвор од домовите треба да се ограничи на минимум, рече Хардаљас.

Грчките медиуми објавија дека веќе се подготвени и снимени пораките на неколку јазици, кои ќе се испраќаат преку мегафоните на полициските возила додека патролираат во Атина и во останатите градови.