Влез со бројче, едно лице на 10 метри квадратни, растојание од два метри меѓу купувачите, се дел од мерките што од денеска се во сила во грчките супермаркети за да се намалат турканиците и да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот, а паралелно ќе се воведе ограничување за граѓаните за антисептиците, ќе можат да купат најмногу три, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот за развој на Грција, Адонис Георгиадис, рано утрово посети супермаркет (пред да биде отворен за граѓаните) во една атинска населба, каде што го презентираше новиот начин на работа. Рече дека полиците се полни, дури и со антисептици, за кои, во изминатиот период во Грција имаше недостиг.
Само 20 минути подоцна, кога маркетот веќе беше отворен за граѓаните, Георгиадис гостуваше во живо, од супермаркетот, во утринска емисија на телевизијата „Open“ и додека говореше за владините мерки, зад него, во делот каде што се антисептиците, граѓани грабаа по неколку пакувања антибактериски влажни марамчиња и експресно ги испразнија полиците.
Кусо потоа, преку интервју за интервју за ТВ „Скај“, надлежниот министер најави дополнителна мерка.
-Воведуваме плафон – три антисептици за секој потрошувач, рече Георгиадис.
Во однос на работата, супермаркетите од денеска, според одлуките од Министерството за развој на Грција, обврзани се да следат конкретни мерки, меѓу кои да гарантираат дека во просторот ќе има едно лице на секои десет метри квадратни со најмалку два метри растојание меѓу нив
