Груби: Коалиција со ВМРО-ДПМНЕ е самоубиство – Беса-ААА не сакаат, дали само АА ќе биде албанска партија во Влада?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ниту една од албански опозициски партии нема да го заземе местото на ДУИ во проширена влада доколку оваа партија оди во опозиција како што бара ВМРО-ДПМНЕ за да ги поддржи уставните измени. Ако ДУИ излезе, единствената која останува да ги претставува Албанците во Владата е Алијансата за Албанците. Арбен Таравари вели дека АА одлучила да влезе во Владата за евро-интегративниот процес и исто така би излегла за интегративниот процес. Според него проширена влада без Албанците е загрижувачки.

„Мислам дека во Македонија никогаш немало Влада без Албанци и не смее да има Влада без Албанците. Ова е загриженост не само на Арбен Таравари, не само на еден Албанец, туку треба да биде загрижувачки и за еден Македонец. Верувам дека нема такви тенденции за да има моноетничка Влада, така велам бидејќи ги анализирав околностите, ги слушаме сите страни и излегуваме со унифициран став“, вели Арбен Таравари.

За евентуално создавање на ваква ситуација прашавме и во Движењето Беса, кој ќе ги претставува Албанците во Влада во која нема да има албански партии. Генералниот секретар на оваа партија Абдуш Демири рече дека нема да има политичка влада без Албанци, а не сакаат да анализираат хипотетички состојби на проширена влада без Албанци.

„Не сакаме да анализираме хипотетичка состојба, но не се случило и нема да се случи да има политичка влада без Албанци. Ќе оставиме на времето за да видиме што ќе се случи, нема да ги анализираме сите хипотетички ситуации како ќе се случат, зависно од состојбите, партиските органи ќе одлучат кога ќе дојде време за одлучување“, вели Абдуш Дермиши.

Од Алтернатива на Африм Гаши велат дека одговорноста за недостигот на Албанци во Влада е на актуелните албански партии кои се на власт.

„Ние не ја менуваме позицијата. Треба да ги прашате тие што се во влада и кои велат дека ќе одат во опозиција, особено има од нив такво кои влегоа во влада за гласање на уставните измени. Ние сме во позиција, затоа ова прашање треба да се упати на точната адреса, значи албанските партии на власт“, велат од Алтернатива.

Според Артан Груби од ДУИ, нормално е албанските партии да не сакаат да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа за нив ќе имаше цена на политичката сцена.

„Знаејќи дека секој што коалицира со ВМРО-ДПМНЕ ќе биде политичка елиминација, самоубиство од која било албанска политичка партија, сите се истрчаа и изјавија дека нема да прифатат никаква покана за учество во ваква моноетничка влада. Првата беше Алијансата за Албанците, потоа излезе Беса, сега истото го слушам денеска од фракцијата и убеден сум дека истото го прави и Алтернатива“, порача Артан Груби.

Изет Меџити од фракцијата на ДУИ рече дека го чекаат конечниот епилог од лидерската средба Ковачевски-Мицкоски и потоа да се изјаснат.