Груби вели дека ДУИ е обeдинета, Меџити пред два месеци имаше забелешки на именувањата на ДУИ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот вицепремиер, Артан Груби, не мисли дека по 100-те дена од Владата ќе има интерпелација против него од неговиот сопартиец Изет Меџити, кој истовремено е и координатор на пратеничката група на ДУИ.

-Реално ние функционираме како едно единствено тело и ДУИ, и парламентарна група, и делот од извршната власт, и градоначалниците и сме фокусирани на реализација на програмата на ДУИ и не сакаме да се фокусираме на такви теми бидејќи имаме многу работа што треба заедно да ја завршиме и сите сме едно тело и стоиме зад политиките на г. Али Ахмети“, рече Груби.

И додека Груби говори за обединета партија, сепак тоа не изгледаше така пред тој да застане на актуелната функција. Иако не зборуваше за конкретни имиња, сепак меѓу интегративците имало незадоволство околу направените именувања во извршната власт.

-Ќе гласам за Владата со лични забелешки кои ги имам за дел од членовите на извршната власт. Тоа е внатре партиска дебата во ДУИ, се ангажирав бидејќи постојано се негува ваква дебата и сметам дека тие кои ги претставуваат во извршната власт требат да бидат согласно волјата и желбата на граѓаните. Сметам дека тоа ќе ѝ помага на ДУИ-рече Меџити.

Последниве денови кружат гласини дека токму шефот на пратеничката група, Изет Меџити ќе покрене интерпелација против Груби, но и за вицепремиер Бујар Османи, како министер за надворешни работи. Контактиравме со Меџити, но тој ниту потврди, ниту негираше вакво нешто, само кажа дека ќе зборува по првите 100 дена од Владата.

-Сега ниту потврдувам ниту негирам такво нешто. До завршување на првите 100 дена нема да се произнесам. Ќе зборувам по 100-те дена.-рече Меџити.

За интерпелација од страна на Меџити, кружи и името на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кого опозицијата го обвинува за неуспех во преговорите со Бугарија, поради губењето шанса за старт на пристапните преговори. Опозицискиот блок побара оставка од Заев и Димитров, со што се зголемуваат шансите опозицијата да ја поддржи евентуалната интерпелација против шефот на дипломатијата. Османи вели дека работата на опозицијата е да бара оставки, но исто така подава рака за изнаоѓање заеднички став.

-Јас останувам отворен за комуникација со опозицијата, за соработка со нив, за да изградиме заеднички државен став а природно дека ќе продолжи со своите дневни политики, а тоа што би побарал од нив е да не држат во заложништво една толку важна тема за ситен дневен политички интерес.-вели Османи.

Потсетуваме на можноста за интерпелација пред околу еден месец што ја спомна и Блерим Беџети, исто така дел од ДУИ.

Што ќе се случи, останува да видиме по 10 декември 2020, тогаш кога поминуваат 100 дена од гласањето во Собрание на новиот владин состав.

Интерпелација се користи како форма на контрола на дејноста на секој носител на јавна функција. Потоа следи дебата во Собрание, а доколку Собранието остане незадоволно од образложението на функционерот, тоа може да послужи како причина за покревање политичка одговорност или оставка на владата односно носителот на јавната функција.