Кандидатката за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 зборуваше за платите на обвинителите, постапувањето на Уставниот суд, но и за ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем.
Хаџи Василева истакна дека целосно ја поддржува реакцијата во врска со платите, оценувајќи дека таа е правно оправдана и принципиелна. Според неа, Уставниот суд треба што поскоро да го разгледа ова прашање.
„Целосно ја поддржувам таа реакција, бидејќи од правен и принципиелен аспект мислам дека е многу оправдана и доследна. Веројатно Уставниот суд ќе треба што поскоро да ја земе предвид нашата реакција, имајќи го предвид вкупниот контекст на иницијативите до Уставниот суд, кои ги засегаат и судиите“, изјави Хаџи Василева.
Таа изрази надеж дека, и покрај досегашното забавено темпо на одлучување, Уставниот суд ќе постапи во најкус можен рок.
Осврнувајќи се на довербата во Обвинителството, Хаџи Василева оцени дека во јавноста ова прашање добива пренагласена димензија, особено кога се споменува податокот за само два проценти доверба.
„Прашањето околу нашата доверба, по мој вкус, добива една префорсирана димензија во јавноста, бидејќи од она што го знам се работи малку и за методолошка манипулација, која потоа во јавноста отиде со тие два проценти доверба. Нашата доверба веројатно не е на завидно ниво, сите знаеме, но секако не е ни толку ниска“, посочи таа.
Според Хаџи Василева, обвинителите секојдневно работат на враќање на довербата преку своето професионално постапување.
Таа се осврна и на односот меѓу Обвинителството и останатите институции, нагласувајќи дека соработката е неопходна, но треба да се темели на конструктивен пристап и разбирање на улогата на обвинителството во правниот систем.
„Ние мора да соработуваме во најконструктивен дух и да ја храбриме политичката волја кај кои било институции, да им објаснуваме што значиме ние во вкупниот систем како чувари на системот со кривичниот прогон што го спроведуваме“, порача Хаџи Василева во „Клик Плус“ на ТВ21.
