„Хидроцентралите ја уништуваат Шар Планина“ – Владата да не издава дозволи, побарани се осум

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Националниот парк „Шар Планина“ бара Владата да внимава кога дава дозвола за користење на водата на Шара за изградба на хидроцентрали бидејќи природата е оштетена. Велат дека имаат законска обврска да ја заштитат природата. Директорот на националниот парк Ибрахим Дехари рече дека на планината Шара се побарани 8 нови дозволи за изградба на хидроцентрали.

„За жал, економските интереси постојано притискаат за целосна реализација на 8 други хидроцентрали и тоа: Изградба на Пена 84, Пена 85 и Шеличе. Изградба на мали хидроцентрали на реките Боговиње, Јеловјане, Мазрача и Дуфи. Минатата недела добивме ново барање за мала хидроцентрала, под село Лисец, но и за тоа дадовме негативно мислење“, вели Ибрахим Дехари.

Според Дехари, за некои мали хидроцентрали на реките Боговиње, Јеловјане, Мазрача и Дуфи се уште се во фаза на склучување договори за концесија за изградба. Додека тие остануваат на ставот дека нивната изградба ја оштетува природата.

„За нив Владата на Република Северна Македонија има донесено одлука, но не е добиено позитивно мислење од Јавниот институт на Националниот парк Шар Планина и не е склучен договор за концесија. Треба да се напомене дека за некои од овие хидроцентрали трипати го добивавме истото барање и остануваме убедени дека: Согласно член 75 став 1 од Законот за заштита на природата, спроведување на активности кои ја загрозуваат природата во националниот парк е забрането“, порача Ибрахим Дехари.

Од националниот парк изразуваат загриженост за нетранспарентноста во процесите кои влијаат на искористувањето на ресурсите, биодиверзитетот и локалното население на територијата на Националниот парк Шар Планина и во целиот регион на Полог.