Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна посета на Општина Студеничани, каде заедно со градоначалникот Ејуп Абази извршија увид во тековните инфраструктурни проекти што се реализираат со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во рамки на посетата, министерот Хоџа jа посети локацијата каде што се одвиваат активностите за изградба на канализационата мрежа за отпадни води во село Морани. Проектот е со вредност од 4.519.715 денари и веќе е реализиран над 50 отсто.
Оваа инвестиција, рече Хоџа е дел од програмите на Министерството за обезбедување квалитетна комунална инфраструктура во сите населени места, а целта е надминување на децениските предизвици со кои се соочуваат жителите во овој регион.
Покрај овој проект, во Студеничани во тек е третата фаза од изградбата на водоводна мрежа – проект за кој Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди над 53 милиони денари. Водоводната мрежа е во должина од 8.7 км, од кои 5.5 км се веќе завршени.
Министерот Хоџа истакна дека Министерството продолжува со силна поддршка на општините во реализација на капитални инфраструктурни проекти кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и заштитата на животната срединa.
