БСЖ вакцинацијата во земјава привремено се одложува, а надлежните институции започнаа проверка на сериите на вакцините што се користат во Македонија. Одлуката следува по информациите објавени во хрватските медиуми за појава на несакани реакции поврзани со БСЖ вакцината.
Комисијата за имунизација при Министерството за здравство веднаш заседавала по добиените информации, по што била контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД). Од Агенцијата се побарани податоци за сериите на вакцините што се употребуваат во земјава, нивниот квалитет и можната поврзаност со пријавените несакани реакции.
Од Министерството за здравство посочуваат дека БСЖ вакцинацијата е задолжителна во Македонија, бидејќи земјата е со висок ризик од туберкулоза.
Во моментов, на Институтот за ТБЦ има 95 пациенти со туберкулоза, од кои 83 се случаи регистрирани годинава. Во Детската болница „Козле“, пак, во 2025 година биле евидентирани 15 случаи, додека во 2026 година се регистрирани 12 нови случаи.
Токму поради потребата од дополнителни информации, Комисијата за имунизација донела заклучок привремено да се одложи имунизацијата со БСЖ вакцината, сè до добивање целосни податоци за сериите, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со несаканите реакции.
Од Министерството дополнуваат дека во изминатите десет години до МАЛМЕД е доставена само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцината. Пријавата е од август 2022 година и се однесувала на појава на апсцес на местото на апликација, што е опишано и во упатството за употреба на вакцината.
