Потпретседателот на ДУИ, Арјанит Хоџа, во Клик Плус на ТВ21 остро ја критикуваше актуелната Влада, велејќи дека нејзините цели биле јасни уште од самиот почеток: слабеење на позицијата на Албанците во Македонија и легитимирање на таа политика преку мала група луѓе. Тој нагласи дека, и покрај тврдењата, ДУИ не може да влезе во Владата без политички договор. Според Хоџа, ова е првата Влада во историјата на државата која е формирана без политичка програма на албанските партии.
„Целите на Мицкоски биле јасни: како да ја ослаби позицијата на Албанците во Северна Македонија и да се одмазди за сите достигнувања на Албанците кои се случиле по природен пат. И му беше потребна мала група луѓе за да ја легитимира својата политика. Зашто, ако тие не беа дел од Владата, немаше врз кого да остане товарот. Зошто тие не го пробаа тоа, како што велат – ако ние си заминеме, ќе влезе ДУИ. ДУИ не влегува во Владата, тоа е кажано многу пати, а го кажувам и јас како потпретседател: ДУИ не влегува во Владата ако тие излезат. Не може да се влезе во Влада без политички договор“, вели Арјанит Хоџа.
Во врска со средбата меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и премиерот Христијан Мицкоски, Хоџа информираше дека досега немало покана од премиерот. Сепак, тој нагласи дека таква средба е неопходна за усогласување на ставовите на сите етнички заедници околу иднината на државата.
„Секако, тоа е една од темите за кои треба да разговараат г. Ахмети и г. Мицкоски, бидејќи е потребно усогласување на сите ставови на етничките заедници за тоа како сакаме да ја видиме оваа држава. Ние, Албанците, сакаме оваа држава да ја видиме во Европската Унија, рамноправна со сите други држави. Албанците во Северна Македонија немаат друга алтернатива. Ова е наша држава и таа може да се изгради само врз основа на целосно партнерство меѓу Албанците и Македонците, а нашата иднина е во големото европско семејство“, вели Арјанит Хоџа.
Хоџа не очекува оваа Влада да го заврши мандатот поради нарушувањето на правата на Албанците , доведуваењето под знак прашалник на Охридскиот договор, меѓународната изолација на земјата, блокадата на интеграцијата во ЕУ и економската криза. Тој исто така изјави дека актуелната Влада опстојува затоа што меѓународниот фактор повеќе не е фокусиран на Македонија, но тоа не значи дека меѓународната заедница не ги следи случувањата и не собира информации за тоа што се случува во земјата.
