Хотел во центарот на Скопје во изолација – двајца странци сомнителни, се тестираат на коронавирус

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Хотел кој се наоѓа во центарот на Скопје, ја информирала брзата помош дека се сомневаат дека две лица се заразени со коронавирусот.

Веднаш пристигнале полициски екипи, Институт за јавно здравје и Брзата помош.

Екипите на брзата помош влегоа во хотелот, а полициските службеници почнаа веднаш да ја изолираат зоната. Полицајците во текот на тестирањето, го прекинаа движењето на граѓаните во близина на хотелот и околната зона.

Граѓаните беа зачудени што се случува.

По  речиси 30 минути, екипите на брзата помош и Институтот за јавно здравје, завршија со земањето брисеви, и веднаш се упатија кон Инфективна клиника.

Лицата на кои беа тестирани, се изолирани во хотелска соба, а екипите го напуштија местото. Откако го завршија потребното вештачење, полициските службеници се позиционираа пред хотелот со наредба никој да не влезе или излезе.

Случајот беше потврден од Министерството за здравство. Министерот, Венко Филипче, рече дека станува збор за двајца странски државјани кои се сместиле во хотелот на 28 февруари. Во минатите три дена, од хотелот информирале дека имаат слични симптоми со вирусот. Едниот е од Австралија, а другиот од Сингапур. Во Скопје пристигнале заедно од Келн со авион на Виз Ер.

Филипче рече дека ќе се преземат потребните мерки зависно резултатите. Исто така Министерството за здравство, поради зголемувањето на бројот на заразени од овој вирус во Европа, даде препорака на Владата до 13 март да продолжи важноста на мерката за забрана за одржување на масовни собири, а спортските натпревари да се одржуваат без навивачи.