Дел од хотелите пред затворање. Корона кризата сериозно удри врз туристичко-угостителскиот сектор. Предупредувањето стаса од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија. Од таму испорачаа неколку барања на адреса на Владата. Велат дека доколку не се направат измени во Законот за финансиска поддршка, посебно во делот на платите за октомври , ноември и декември за 2020, работодавачите во хотелските комплекси ќе бидат принудени дел од вработените да ги пријават како невработени .
„Поради корона ситуацијата, голем број работници од секторот угостителство и туризам доброволно заминуваат од работа и бараат вработување во друг сектор, а во дел од хотелите бројот на вработени е намален поради сезонскиот карактер.“, рече Ана Таневска – Ѓорѓиевска.
Здружението бара, државата да овозможи и бесплатни ПЦР тестови за странските туристи што ќе престојуваат во категоризираните хотели.
„Иако нашата држава има најлиберални услови за влез на странски државјани во услови на пандемија, во овој момент, освен контакт телефонски броеви на МНР, не постојат јавно достапни информации за тоа, кој и од каде може да влезе во нашата држава и кои актуелни мерки се пропишани од надлежните институции во момент на неговиот престој“, вели Кузмановски.
Меѓу барањата на Здружението е и итна промена на моделот на субвенционирање на странски гости кој ќе биде ист, за сите видови на превоз и за туристи од различни земји, без ограничување. Во пресрет на зимската туристичка сезона, бизнис секторот со апел до надлежните, навреме да се подготват условите и протоколите со цел реализирање на најавените доаѓања на претстојните туристи.
Инаку Владата денеска го објави пакетот грантови што ќе бидат доделени по основ на поврат на туристичката такса од 2019 година, грантови за туристички агенции, за лиценцирани туристички водичи, кои ќе бидат реализирани заклучно со оваа 2020 година.
