Хрватскиот министер за труд Јосип Аладровиќ не ја исклучи можноста државата да воведе скратување на работната недела поради епидемијата на новиот коронавирус.
Тој рече дека е најавена седница на Економско-социјалниот совет, на која работодавците, синдикатите и Владата ќе се обидат да постигнат консензус за тоа каде би можеле да се направат можни заштеди.
– Потпишани се колективни договори, но очекувам претставниците на работниците да ја прифатат ситуацијата, изјави Аладровиќ, за РТЛ Данас.
Тој исто така најави дека работната недела може да се намали на четири дена.
– Во овој момент, ние се решивме за мерките што ги презентиравме минатата недела, но јас не би ја исклучил мерката за скратување на работната недела, рече Аладровиќ.
Од друга страна, пак, директорот на хрватскиот завод за Јавно здравје Крунослав Цапак истакнал дека во следниот период почнува тестирање на целото население.
Тој во разговор за „РТЛ“ објасни по кои критериуми ќе се тестираат граѓаните.
„Од самиот почеток се држевме по препораките на СЗО и Европскиот центар за контрола и превенција на болестите. Прво ни е кажано да ги тестираме само лицата кои биле во контакт со заразени лица или кои биле во странство и развиле симптоми. Подоцна е донесена одлука да се тестира секое лице кое има акутна респираторна болест за која не може да се утврди другата причина.“, рече Цапак кој што најави дека ќе се прави истражување на целокупната популација да се види дали можеби некој го прележал вирусот.
„Сигурно дека ќе се работи. Пред неколку дена почнавме да гледаме како изгледа тоа во другите земји. За пример е крузерот во Јокохама каде што имаше многу позитивни лица, а процентот на оние кои немаа никакви симптоми беше многу висок. Но, таму имаше посебни услови. Можеби ние ќе го правиме тоа на два начини: или да се земе една цела област да се прегледуваат луѓе, или да се направи т.н. сентинел студија каде сите пациенти да се тестираат кај лекарите од општа медицина и да се направи профил“, објасни Цапак.
