Турција подготвува нова одбранбена стратегија која предвидува планирање за можна војна од големи размери, проширување на военото присуство во странство, обединување на воените структури во Либија и можност за формирање турска воена база во Саудиска Арабија, објави турскиот весник „Хуриет“.
Според весникот, турското Министерство за национална одбрана ја подготвува новата стратегија со цел вооружените сили да бидат подготвени за глобалните безбедносни предизвици и да го прошират своето присуство во Африка и Азија. Новиот пристап предвидува и развој на логистичката поддршка, линиите за снабдување и договорите со земјите домаќини.
Во однос на Либија, каде што Анкара одржува воени односи и со источниот и со западниот дел од земјата, се разгледува можноста за формирање обединета армија со заедничка командна структура. На состанокот на претставниците на двете страни, одржан во Анкара на 23 октомври, биле разгледани можните решенија.
Планот предвидува две фази: најпрво воено обединување, а потоа политичко помирување. Како една од можностите се споменува Абдул Хамид Дбеибех да остане премиер, додека Калифа Хафтар би бил именуван за началник на Генералштабот.
Друг дел од новата стратегија се однесува на Меканскиот договор за заедничка одбрана, кој предвидува соработка меѓу Турција, Саудиска Арабија и Пакистан во одбранбената индустрија, воената обука, заедничкото производство на оружје, трансферот на технологии и размената на разузнавачки информации.
По именувањето на пензионираниот пакистански генерал-потполковник Науман Махмуд за прв генерален секретар на 23 септември, започнало формирањето заеднички штаб во кој секоја од трите држави ќе има по пет воени и дипломатски претставници.
Според „Хуриет“, Саудиска Арабија ѝ понудила на Турција можност за формирање воена база на нејзина територија, по модел сличен на турската воена структура во Катар. Целите би биле зајакнување на одвраќачките капацитети, обука и советодавна поддршка за саудиските војници, како и развој на заеднички одбранбени способности.
Можноста за формирање на базата е поврзана со завршувањето на парламентарните процедури во Турција и добивањето на потребните овластувања за распоредување воени сили.
Според „Хуриет“, Вашингтон ја гледа ваквата регионална одбранбена соработка како потенцијален фактор за зачувување на рамнотежата и стабилноста на Блискиот Исток. Според проценките во Анкара, во текот на 2027 и 2028 година, САД би можеле да го намалат директното воено ангажирање во регионот и поголем дел од безбедносните одговорности да им ги пренесат на регионалните партнери.
